Недела за подигнување на свесноста за аутизмот

Во периодот од 27 до 31 март 2023 година во нашето училиште се одржуваше недела посветена на подигнувањето на свесноста за аутизмот под мотото „Градење на инклузивно општество за лицата со аутизам“. Оваа година ја означивме неделата со отворени денови како би прикажале како работиме со нашите ученици, напредокот во образованието, пристапот во работата со нашите ученици со аутизам и адаптираната средина за специфичните потреби со цел спремање на нашите ученици за понатамошното образование и функционалност во секојдневното живеење.
Понеделник и вторник беа отворени денови за родители и наставници од редовните училишта. Посетителите имаа можност да се запознаат со пристапите на работа, техниките и материјалите за учење за учениците со аутизам. Среда и четврток беа реализирани работилници со ученици од редовните училишта ООУ „Круме Кепески" - Кисела Вода и OОУ „Војдан Чернодрински“ - Карпош. Гостите проследија едукативна презентација и се дружеа со нашите ученици преку различни спортски активности и ликовна работилница и заедно со нашите ученици испраќаат пораки и пароли за поголема свесност и прифатеност на сите деца со аутизам!
„Аутизмот гласно зборува за тие што слушаат“, „Во ред е да си различен“, „Аутизмот е мојата супермоќ“, „Аутизам- поинаков поглед на светот“. Со овие пораки испишани на летоци ја заокруживме неделата посветена на подигнување на свесност за аутизмот. Летоците беа пуштени од авиончето на нашите пријатели од Аеродорм Стенковец - Аероклуб Скопје кои специјално за нас организираа летање, ни го покажаа аеродромот и другите авиони и беа одлични домаќини.
Нашите училишта, соработници, последниот ден го одбележаа со креирање пароли во своите училишта и нивно споделување на социјалните мрежи.
Проследете ги подолу сликите од активностите:

Галерија