Марија Монтесори го креирала својот метод на работа кон крајот на XIX век, најпрво во работа со деца со попреченост. Имено како доктор во институција за деца со интелектуална попреченост таа увидела дека покрај медицинските потреби овие деца имаат и педагошки потреби и започнала едукативна работа поттикната од работата на Итард и Сеген.

Успесите во учењето што ги постигнала со децата се сметале за сензација.

Од почетокот на своето креирање до денес оваа метода е широко распростанета низ целиот свет и дава значајни резултати во едукацијата на децата и млади како со типичен развој, така и со попреченост.

Основните начела на кои се темели поддршката на децата со попреченост се:
  • Подготовка на околината според индивидуалните потреби на корисникот
  • Почит на индивидуалните карактеристики на секое дете
  • „Помогни ми да го сторам тоа сам“
  • Слобода во јасно дефинирани рамки

Подготвена околина според потребите на корисникот

Марија Монтесори и искуствата во работата со децата покажуваат дека околината во која детето живее и учи игра значајна улога во стимулирањето на развојот или зачувувањето на веќе постигнатите компетенции.

Според Марија Монтесори околината треба да биде едноставна, поттикнувачка и јасно структуирана. Децата кои живеат, учат, делуваат во така подготвена средина можат да се ориентираат и да се чувствуваат сигурни и неоптоварени. Надворешниот ред му олеснува на детето да го најде својот внатрешен ред. При подготвувањето на околината секогаш треба да ги имаме во предвид индивидуалните карактеристики и потреби на детето и неговите потенцијали за развој. Околината треба да овозможува што поголема самостојност и независност на детето/лицето.

Почит на индивидуалните карактеристики на секое дете

Како и сите деца, така и децата со попреченост се разликуваат според своите индивидуални карактеристики во поглед на нивните способности, можности, ритам за развој и карактеристики на личноста. Со цел запознавање на индивидуалните карактеристики на секое дете/лице потребно е негово внимателно набљудување, запознавање со неговата историја на развој, запознавање со неговата животна и семејна историја и социјалниот контекст на неговите лични искуства. Тоа ќе ви овозможи:
  • Да ја подготвите околината според потребите на индивидуата и на заедницата
  • Да понудите активности, улоги и правила според неговите можности, јаки страни и личната историја
  • Да ја поттикнете независноста, пријателството и градењето социјални врски
  • Да развиете рутини кои ќе ја градат самодовербата
  • Да креирате ситуации, активности во кои секоја личност ќе допринесе за одделенската заедница, преку истакнување на личните вештини
  • Да се фокусирате на личноста, а не на попреченоста

„Помогни ми да го сторам тоа сам“

„Помогни ми да го сторам тоа сам!“ за возрасниот значи дека имa задача да ги набљудува децата и да создаде услови во кои тие сами ќе бидат активни. Како резултат на прецизното набљудување возрасниот може да ги открие капацитетите на детето и да понуди средина која што ќе соодвествува на неговите можности и способности. Како и за секое дете, така и за детето со попреченост особено е важно тоа да доживее успех во работата со цел да се зајакне неговата самодоверба. Истражувањата покажуваат дека децата со попреченост имаат тенденција да се пасивни и помалку мотивирани да бидат активни, затоа често поттикот почесто треба да доаѓа од возрасниот и постојано да се истакнува успех на детето во ангажманот. 

Слобода во јасно дефинирани рамки

Едно од основните одбележја на Монтесори педагогијата е слободата и поттикнот на самостојност и независност. Но слободата е дадена во јасно дефинирани рамки, односно правила на однесување. Возрасните (наставниците), по можност заедно со членовите на одделенската заедница ги дефинираат правилата на однесување. При тоа е особено важно тие да бидат јасни, недвосмислени и разбирливи за сите. За таа цел основно е доследно придржување до нив најпрво од страна на возрасните бидејќи тие претставуваат модел на идентификација за учениците. Исто така како помошно средство потребно е да се користат визуелни поддржувачки, социјални приказни и вежбање на правилата во различни социјални ситуации. Често пати се заборава дека како што е потребно многу вежбање за да се стекне некоја на пример моторна вештина, така е потребно вежбање за да се стекне некоја социјална вештина или правило на однесување. За таа цел од голема помош се игрите на улоги преку кои децата ќе ги вежбаат правилата на однесување.
На крај би сакале да нагласиме дека Марија Монтесори нè учи дека секогаш на прво место треба да го имаме ДЕТЕТО, а не методот. Само така ќе можеме да го одредиме најсоодветниот пристап за секое дете.