Во нашето училиште алтернативната и аугментативната комуникација се учи преку: 
  • табли за комуникација: користејќи комуникатори, пиктограми и/или слики,
  • визуелни распореди: закажување на задачи и активности со визуелна поддршка, со цел намалување анксиозност и подобрување на учењето и однесувањето кај учениците,
  • распореди за рутини: поддршка во независно обавување на секојдневните рутини во училиштето и во домот, 
  • социјални приказни: наративен материјал со визуелна поддршка за учење на вештини и однесувања во социјален контекст, 
  • бихејвиорални стратегии: визуелната поддршка како таблите за комуникација, табли за однесување или знаковни картички за однесување помагаат со потцетување кое однесување се очекува од ученикот во даден момент, кои однесувања се соодветни или несоодветни и изразување на потребите во момент на стрес,
  • TEACCH ресурси: ова се манипулативни материјали кои се визуелно привлечни и поттикнуваат во изведувањето на наставната активност, а најважна цел е што се структурирано презентирани за да поттикнат индивидуална и независна работа кај ученикот, 
  • вештини на живеење: тука спаѓаат вештините за самогрижа, шопинг, работа, готвење, тоалета и сл. кои преку распореди за рутини со визуелна поддршка им помагаат на учениците да ги научат вештините и да станат независни, 
  • поддршка во учење: едукативните материјали кои се поддржани со симболи ја подобруваат когнитивната пристапност и даваат дополнителна стимулација и мотивација за учење во сите наставни предмети, 
  • ориентација во просторот: знаковни патокази кои помагаат во ориентацијата во просторот во училницата, училишните ходници и целото училиште. 
Алтернативната и аугментативната комуникација е комплементарна на рехабилитацијата на природниот говор и таа не се меша во развојот или повторното воспоставување на говорот. 
Алтернативна и аугментативна комуникација претставува начин на изразување инаков од вербалната експресија. 
Целта на оваа форма на комуникација е зголемување (аугментативно) и/или компензирање (алтернативно) на комуникацијата кај ученици со потешкотии во говорот. 
Комуникацијата е многу важна за секое човечко суштество, бидејќи преку неа тоа е во интеракција со други лица, учи, ужива и е дел од општеството. Денес, благодарение на овие системи за алтернативна и аугментативна комуникација, ограничувањата за учениците со потешкотии во вербалниот говор се намалуваат. 
Алтернативната и аугментативната комуникација вклучува системи на симболи, и тоа:
  • графички (комуникатори, компјутери, таблети, табли и книги за комуникација) и 
  • гестуални (мимика, гестови или сигнали со рака). 
Разните системи се одбираат и адаптираат на потребите на ученици од различна возраст и според моторните, когнитивните и јазичните вештини. 
Системите за алтернативна и аугментативна комуникација се само медиум или неопходен услов за учениците со потешкотии во говорот да бидат во можност да комуницираат, да ги развиваат своите способности и да бидат дел од светот кој ги опкружува.