Др. Златан Сремeц е роден во 1888 г. во Градиште – Хрватска, каде завршува основно училиште. Во Загреб завршува медицинска школа. Како лекар/доктор службува во Винковци и Загреб. Бил член на претседателството на АВНОЈ и главен секретар на ЗАВНОХ. После II-та светска војна ја извршува должноста на Министер за Здравство на СФРЈ и истовремено е потпретседател на Хрватскиот сабор /собрание. Постигнал многу во областа на современата медицинска наука во Југославија и пошироко, а особено се истакнува во третманот и грижата на лицата со пречки во развојот.

За училиштето

ПОУ „ Д-р Златан Сремец “ – Скопје започнува со својата дејност во 1972г . , со централно седиште/ училиште  во објект во Општина Кисела Вода, Скопје кај Старата рампа и со  подрачни паралелки сместени во рамките на редовни основни училишта на територија од десната страна на реката Вардар. Оваа 2018г. посебното училиште  слави 46 години постоење. Посебното училиште е верифицирано и отворено за работа со ученици со пречки во психичкиот развој. Во 2007 г. е верифицирано за работа со ученици со аутизам.  Во моментот ПОУ „ Д-р Златан Сремец “ – Скопје воспитува и образува ученици со пречки во психичкиот развој, аутизам и мултихендикеп. Од видот на попреченост кај учениците најчести се : пречки во психичкиот развој ( лесни и умерени), Даун сундром, церебрална парализа, аутизам и комбинирана попреченост во развојот.

Учебната 2017/2018г.училиштето  ја започна со 111 ученици распоредени во 26 паралелки, од кои 9 подрачни комбинирани паралелки кои  функционираат во состав на редовни училишта во : н. Драчево, н. Долно Лисиче, н. Карпош, н. Ѓорче Петров, н. Сарај, с. Студеничани и н. Даме Груев.

Училиштето реализира основно образование – деветолетка , согласно адаптирани програми за ученици со пречки во психичкиот развој, аутизам и мултихендикеп изработени од страна на БРО и одобрени од страна на Министерот за образвание и наука на Р.М. Целовкупниот  наставен кадар го претставуваат дипломирани дефектолози, со исклучок на наставниците по музичко , техничко, физичко и здравствено образование, кои имаат диплома во својата област, но и завршена дефектолошка докфалификација согласно закон. Во училиштето има и стручен тим кој се состои од психолог, логопед, социјален работник и дефектолог.

Наставниот и стручен кадар во училиштето се грижи за својот професионален развој преку посети на семинари, обуки, меѓународни конференции, тренинзи, на кои наставниците присуствуваат,  но и активно учествуваат со свои стручни трудови и како тренери/ обучувачи. Најчесто се работи за стекнување на знаења и искуства поврзани со професијата. Колегите редовно аплицираат за студиски посети во други земји на Еразмус + проекти, така што досега се реализирани посети во Романија, Полска, Англија, Словенија, Хрватска, Португалија, Рејунион Ајленд, Тенерифе, Австрија итн.

Специфика во работата и  професионалниот развој е дека секоја година се реализираат стручни екскурзии од страна на целиот колектив со цел посета на институции од сличен карактер во странство со цел размена на контакти и искуства. До сега се реализирани посети во Р. Србија, Р. Албанија, Р. Бугарија и Република Грција. Оваа година во план е да се посетат центри во Р. Хрватска или Малта. Се разбира соработката со овие земји и институции продолжува и по завршувањето на посетите.

Во однос на соработка со институции во земјата, училиштето најчесто соработува со МОН, БРО, ДПИ, МТСП, Меѓуопштински центар за социјална работа, УКИМ и се разбира со сите институции со сличен карактер и проблематика на дејност- посебни основни и средни училишта, заводи за рехабилитација, дневни центри и сл. Училиштето може да се пофали со голем број на склучени меморандуми за соработка со редовни училишта и градинки, невладини здруженија, музеи, ликовни галерии  и сл.

Проектните активности се разновидни  и варираат по својот карактер, тема, обем и времетраење: санација и реновирање на делови од училиштето, соработка на разни прокети со невладини организации, изработка на сензорни зидови и мозаик, реализација на хуманитарни базари, реализација на работилници со арт и  музико- терапија, посети и воннаставни активности со учениците итн.

Визијата на училиштето е дека Д-р Златан Сремец – Скопје ќе прерасне во Ресурсен центар кој ќе пружа квалитетно образование и рехабилитација на учениците со пречки во развојот и воедно ќе биде партнер,  поддршка и база на имплементирање на процесот на инклузија во редовното образование.